Ayhan Şimşek
24 Октомври 2022•Ажурирај: 26 Октомври 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија ја гледа Украина како идна членка на Европската Унија (ЕУ) и ќе направи сè за да го поддржи нејзиното закрепнување и напорите за обнова, изјави денес канцеларот Олаф Шолц, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во говорот пред германските и украинските бизнисмени во Берлин, Шолц нагласи дека земјите членки на ЕУ ќе продолжат со својата политичка, економска и воена поддршка за Украина.
„Украина е дел од европското семејство“, нагласи тој и ги повика германските компании да инвестираат во Украина, да го поддржат нејзиното закрепнување и напорите за обнова.
„Оној што инвестира во Украина денес, ќе инвестира во идна земја членка на ЕУ, која ќе биде дел од нашата правна рамка, нашиот единствен пазар“, рече Шолц.
„Кога ја обновуваме Украина, тоа го правиме со членството во ЕУ како цел во нашиот ум“, додаде германскиот канцелар.
Многу германски компании се двоумат дали да инвестираат во Украина поради војната со Русија што започна во февруари.
Украина доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ во јуни, со што започна процес за членство што може да потрае со години, па дури и децении.