Hanife Sevinç
05 Јуни 2020•Ажурирано: 06 Јуни 2020
АНКАРА
Припадниците на терористичката организација ФЕТО, Јусуф Карабина и Мустафа Ердем, кои пред две години се уапсени во Косово во акција на Разузнавачката служба на Турција (МИТ), во соработка со Канцеларијата за разузнавање на Косово, се осудени на вкупно 23 години и 9 месеци затвор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред 30. Казнен суд во Истанбул денеска беше одржано завршното рочиште во случајот против обвинетите Карабина и Ердем, кои присуствуваа од затворската единица преку видеоконференција. На рочиштето пред судот присуствуваше адвокатот на двајцата обвинети, Озгур Дениз Озсатиџи.
По излагањето на обвинителот, адвокатот Озастиџи побара дополнително време за разговор со обвинетите, кое судот го одби. Обвинетите повторно се изјаснија за вината, отфрлајќи ги сите обвиненија.
Судскиот совет потоа ја прочита пресудата, според која обвинетиот Јусуф Карабина е прогласен за виновен за кривичното дело „членство во терористичка организација“, за кое му е изречена казна затвор во траење од 8 години и 9 месеци.
Обвинетиот Мустафа Ерден е прогласен за виновен за делото „управување со вооружена терористичка организација“, за кое му е изречена затворска казна во траење од 15 години.
Судскиот совет исто така наведе дека двајцата обвинети се ослободуваат за точките од обвинението кои се однесуваат на кривично дело „шпионажа“.
Турската разузнавачка служба (МИТ) во март 2018 година изврши операција против терористичката организација ФЕТО/ПДЈ на Балканот и во Турција ги префрли шесте претходно пребегнати истакнати членови на таа организација.
За време на акцијата се фатени и со посебен лет префрлени во Турција Џихан Озкан, Кахраман Демирез, Хасан Хусеин Ѓунакан, Мустафа Ердем, Осман Каракаја и Јусуф Карабина.
Станува збор за истакнати членови на терористичката организација ФЕТО за кои претходно се распишани потерници во Турција. Фатените шест лица на Балканот спроведувале активности на терористичката мрежа ФЕТО, но и организирале бегство на припадниците на ФЕТО од Турција во европските земји и САД.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја бараше од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години преку местење на испитите напредуваа во службата, на тој начин инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, првин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во турското правосудство се обидоа преку монтиран процес за наводна корупција да процесираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч изведен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските власти. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.